+389 2 5112 394 info@malmed.gov.mk
Select Page

Во пресрет на  четвртиот роденден на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), Ве известуваме дека одбележувањето на овој датум ќе биде посветено на отпочнувањето со функционирање на еден мошне значаен проект на кој што се работеше во изминатиот едногодишен период – интегрираниот информациски систем.

Со голема чест и задоволство во име на МАЛМЕД можам да соопштам дека од 18.09.2018 официјално започнува со имплементирање на интегрираниот информациски систем во Агенцијата за лекови и медицински средства. Овој систем е од огромно значење за сите засегнати страни кои се секојднево поврзани со дневните активности во МАЛМЕД и тоа: носителите на одобренија, вработените во агенцијата, експерти и комисиски тела.

Примарна и најзначајна карактеристика на овој систем е што истиот овозможува, транспарентно, навремено, квалитетно и ефикасно спроведување на постапките поврзани со лековите со што значително се олеснува работењето како за вработените во Агенцијата така и за носителите на одобренијата за ставање на лек во промет.

Системот нуди можност за поднесување на барања/обрасци и соодветна документација во електронска форма додека клиените во секој момент имаат преглед на своите барања. Тоа во пракса  значи заштеда во време, дебирократизирање на процедурите, зголемена транспарентност како и достапност на целокупната документација во секое време и ефикасна следливост на истата.

Во системот се вклучени поголемиот дел од постапките, како: добивање на одобрение за ставање на лек во промет, обнова на одобрение, постапки на варијации, пренос на одобрение, одобрение за  паралелен увоз, одобрение за хомеопатски лек и др.

Агенцијата има можност да креира извештаи по повеќе параметри со што во многу сегменти се олеснува и унапредува секојдневното работење.

Во насока на непречено и ефикасно имплементирање на новиот систем  МАЛМЕД спроведе обуки за сите корисници на системот , најпрво на вработените во Агенцијата а потоа на  подносителите на  барања, проценители како и членови на стручни комисии кои функционираат во Агенцијата. Во рамките на спроведените обуки повеќе од  сто лица професионалци во своите области и активни корисници на системот беа обучени за користење на истиот.

Агенцијата за лекови и медицински средства ќе продолжи понатаму континуирано да ја реализира својата мисија која подразбира следење на националните интереси и политиката на приближување кон високите стандарди и барања на ЕУ во областа на лековите со што ќе се заштити и унапреди јавното здравје.

Со почит

 

DREJTORI
М-р фарм. Роберт Бекироски