+389 2 5112 394 info@malmed.gov.mk
Select Page

 

Европскиот ден за подигање на свеста за антибиотици и оваа година се одбележува низ цела Европа на 18 ноември. Европскиот центар за превенција и контрола на болести (European Centre for Disease Prevention and Control) започна да го одбележува овој ден во 2008 година со цел да ја подигне јавната свест за опасностите од развој на отпорност на антибиотици кон микроорганизмите и важноста од нивната рационална употреба.

Иницијативата на Светската здравствена организација (СЗО) во 2015 година го започна одбележувањето на Светската недела на подигање на свеста за антибиотици, која оваа година се одбележува од 18 до 24 ноември. Европскиот ден за подигање на свеста за антибиотици и Светската недела за подигање на свеста за антибиотиците се партнерски иницијативи чија синергија се стреми да ја подигне свеста на граѓаните и здравствените работници за правилната употреба на антибиотиците. 

Иако поминале само 70 години од почетокот на употребата на антибиотиците, светот веќе се соочува со проблемот на премногу бактерии отпорни на антибиотици. Една од причините за зголемениот број на мултиотпорни микроорганизми е нерационалната употреба на антибиотици, што им овозможува на бактериите да развијат отпорност. Антимикробната отпорност (АМР) стана глобален јавно здравствен проблем и не е ограничен на една географска област или земја.

Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) активно учествува во промовирањето на рационална употреба на антибиотиците, континуирано поттикнувајќи ја нивната рационална и правилна употреба во Република Северна Македонија. Како дел од процесот на одобрување лекови, МАЛМЕД ги одобрува и индикациите за кои се користи одреден лек. Антибиотиците се индицирани за третман на бактериска инфекција, но не и вирусна. Исклучително е важно да се придржувате до пропишаните индикации и другите упатства за начинот на примена на лекот, кои се наведени во упатството за употреба и збирниот извештај за особините на лекот. Упатствата за употреба за сите одобрени лекови во РСМ се јавно достапни во базата на податоци за лекови на веб-страницата.

МАЛМЕД ја следи безбедноста на сите лекови, вклучително и антибиотиците, и ги користи сите достапни информации за континуирана проценка на нивните безбедносни профили. Затоа ги повикуваме пациентите и здравствените работници да ги пријават сите сомнителни несакани реакции од употребата на антибиотиците, на веб страната на МАЛМЕД, вклучително и секој случај на нивна неефикасност. Исто така, МАЛМЕД ги повикува сите лекари и пациенти одговорно и совесно да препишуваат и користат антибиотици.