+389 2 5112 394 info@malmed.gov.mk
Select Page

Основни информации за Фармаковигиланца

Добредојдовте на веб-страната на Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија (МАЛМЕД) во делот кој се однесува на ФАРМАКОВИГИЛАНЦА.

Фармаковигиланца претставува наука и збир на активности поврзани со откривање, процена, разбирање, превенција и постапување во случај на несакани реакции од лековите, како и нови информации за опасностите од употреба на лековите.

Информациите за квалитетот, ефикасноста и безбедноста на лековите се добиваат од предклиничката и клиничката фаза од развојот на лекот. Безбедносните информации за лекот добиени од клиничките студии се ограничени бидејќи потекнуваат од неговата употреба во специфични и строго контролирани услови дефинирани во протоколот на клиничките испитувања. Во постмаркетиншкиот период се добиваат информации за ефикасноста и безбедноста на лекот од неговата употреба во популација во секојдневната рутинска здравствена пракса. Во овој период се добиваат информации за примена на лекови во специфични популации на пациенти (геријатриски пациенти, педијатриски пациенти, бремени жени, доилки итн.), а дополнително во овој период се идентификуваат и ретките несаканите реакции.

Фармаковигиланцата игра клучна улога во следењето на безбедноста на сите лекови и заштита на јавното здравје.

МАЛМЕД е надлежна за следење на несаканите реакции од лекови во Република Македонија. Овие активности МАЛМЕД ги обезбедува преку Националниот центар за фармаковигиланца кој е негов составен дел.
Агенцијата го воспоставува, континуирано го надградува и унапредува Националниот систем за фармаковигиланца. Овој систем овозможува детекција на безбедносните сигнали, идентификација на ризиците од употреба на лековите, нивна категоризација, проценка, минимизација, комуникација и превенција, со цел обезбедување најдобар можен однос корист/ризик за лековите во секојдневната пракса и промоција на рационално и безбедно пропишување на лекови.