Во однос на информациите поврзани со достапноста и квалитетот на инсулините во Република Македонија, сакаме да ја информираме јавноста дека Aгенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), доследно ги имплементира сите надлежности кои се пропишани согласно со Законот за лекови и медицински средства.
Согласно тоа, во текот на минатата недела беа спроведени редовни контроли на новопристигнатите инсулини во просториите на увозниците кои имаат склучено договор за јавна набавка со Министерството за здравство за инсулини. Притоа, беа инспектирани специфичните услови на транспорт, чување и дистрибуција, инспекциски мерки кои се применуваат без оглед дали се работи за лекови од паралелен увоз или за лекови кои се увезуваат со редовна постапка. Соодветни примероци од инспектираните инсулини согласно законот беа земени за анализа и испратени во акредитирана лабораторија каде беа извршени лабораториски испитувања за идентификација и определување на содржина на активната супстанција. После добивањето на резултатите од лабораториските испитувања изготвено е решение за пуштање во промет на испитуваните серии на лекови.
Напоменуваме дека сите овие преземени активности се во согласност со законските барања и дека превземените активности од МАЛМЕД се во временски рок кој што е најкраток за ваков вид на испитувања и контроли. Со тоа сакаме да ги демантираме информациите дека заради инспекцискиот надзор од страна на МАЛМЕД е задоцнета дистрибуцијата на инсулин во инсулинските аптеки ширум Македонија.
Исто така, уште еднаш би сакале да апелираме до увозниците навремено да ги обезбедуваат потребните количини на инсулин. Во меѓувреме, Aгенцијата за лекови и медицински средства во рамките на своите надлежности ќе продолжи максимално професионално да ги обавува своите моментални законски надлежности и во соработка со Министерството за здравство на Р.Македонија и експертската јавност да работи на измени и подобрување на регулативата за паралелен увоз на лекови.
Со почит,
Агенција за лекови и медицински средства