Фалсификувањето на лекови е проблем со растечки тренд во последните неколку години, како во земјите во развој така и во развиените земји и претставува значителна закана за јавното здравје на глобално ниво.
Решавањето на проблемот со фалсификуваните лекови бара сериозен мултилатерален пристап кој вклучува преземање на мерки за справување со фалсификувањето на лекови како на национално така и на глобално ниво, преку преземање на регулаторни активности, како и воспоставување на соодветен механизам за ефективна соработка помеѓу регулаторните тела во здравството, полицијата, царината, судството, производителите, дистрибутивниот систем (продавачите на големо, трговците на мало), здравствените работници и пациентите.
Агенцијата за лекови и медицински средства на Р. Македонија (МАЛМЕД), како државна институција чија главна цел е заштита на здравјето на пациените, преку обезбедување на квалитетни, безбедни и ефикасни лекови на пазарот, има значајна улога во решавањето на проблемот со фалсификувани лекови во Р. Македонија. За таа цел, МАЛМЕД започна со активности за реализација на проектот „Градење на национана стратегија за борба против фалсификувањето на лекови“. Носител на проектот е МАЛМЕД, а како учесници во проектот се вклучени сите државни институции засегнати од овој проблем: Центар за испитување и контрола на лекови, Фармацевтски факултет, УКИМ, Скопје, Министерство за здравство на Р. Македонија, Сектор за контрола и истраги, Служба за борба против економски криминал, Царинска управа на Р. Македонија, Сектор за финансиски криминал, Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Министерство за внатрешни работи на Р. Македонија, Министерство за правда на Р. Македонија и Јавно обвинителство на Р. Македонија.
Главните цели на проектот се градење на национална стратегија за борба против фалсификувањето на лекови и воспоставување на регионална и меѓународна соработка во борбата против фалсификувањето на лекови.
За реализација на целите на проектот предвидено е преземање на голем број активности во согласност со препораките на Светската здравствена организација и Medicrime конвенцијата, кои вклучуваат:
- подобрување на контролата на квалитетот на лековите на пазарот;
- ревизија на националната легислатива поврзана со фалсификувањето на лекови;
- градење и воспоставување на меѓуинституционална соработка за борба против фалсификуваните лекови;
- подигање на свеста за фалсификуваните лекови кај експерти од надлежните институции, како и подигање на јавната свест за ризикот од фалсификуваните лекови.
Реализацијата на сите предвидени активности во проектот ќе резултира со изработка на национална стратегија за борба против фалсификувањето на лекови, врз основа на која ќе се овозможи преземање на мерки за навремено откривање и спречување на фалсификуваните лекови во Р. Македонија, како и развивање на комуникација на регионално и меѓународно ниво за борба против оваа глобална закана.