+389 2 5112 394 info@malmed.gov.mk
Select Page

Европската Агенција за лекови (ЕМА) објави потсетник за тоа дека хлорокин и хидроксихлорокин може да предизвикаат пореметувања во срцевиот ритам. Овие пореметувања можат да се влошат при истовремена употреба со други лекови како антибиотикот азитромицин кој слично делува на срцето.

Во неодамнешните испитувања утврдено е дека настанале сериозни, а во некои случаи и фатални пореметувања на срцевиот ритам за време на употребата на хлорокин и хидроксихлорокин, особено кога наведените лекови биле употребувани во високи дози или во комбинација со антибиотикот азитромицин.

Хлорокин и хидроксихлорокин моментално се одобрени за лекување на маларија и други автоимуни заболувања.Освен несаканите дејства кои влијаат на срцето, познато е дека овие лекови може да предизвикаат и пореметувања на функцијата на црниот дроб и бубрезите, оштетувања на нервните клетки кое може да доведе до конвулзии како и намалена вредност на шеќер во крвта (хипогликемија).

Во моментов наведените лекови клинички се испитуваат за третман на болеста  COVID-19. Но податоците од клиничките испитувања се многу ограничени и од нив не можат да се донесат конечни заклучоци. Ефикасноста во лекувањето на болеста COVID-19 сеуште не е докажана, а за донесување на заклучоци потребни се резултати од големи клинички испитувања со јасна методологија.

Во некои од клиничките испитувања моментално се испитува ефикасноста на повисоки дози на хлорокин и хидроксихлорокин во лекување на болеста COVID-19 кои се поголеми во однос на препорачаните дози за примена кај одобрените индикации. Иако до сериозни несакани реакции може да дојде и при примена на препорачаните дози, повисоките дози на лекот може да го зголемат ризикот од таквите несакани рекции, кои вклучуваат и пореметување во спроводливоста што влијае на срцевиот ритам (продолжен QT интервал).

На здравствените работници им се препорачува со посебно внимание да ги следат пациентите со COVID-19 кои примаат хлорокин и хидроксихлорокин, земајки во вид дека може да се зголеми веројатноста за настанување на пореметувања во срцевиот ритам. Важно е да се земе во предвид ризикот од појавување на несакани реакции посебно при земање на повисоки дози на лековите како и особена претпазливост при истовремена употреба со други лекови како азитромицин кој може да предизвика слични несакани дејства врз срцето.

Потсетуваме дека здравствените работници задолжително треба да ја пријават секоја несакана реакција на лекот до Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД). Исто така пациентите кои имале несакана реакција од употреба на лекот може истата да ја пријават директно до МАЛМЕД со препорака дека за секоја несакана реакција која ќе ја забележат треба да се обратат кај својот лекар или фармацевт заради совет за начинот како да ја продолжат терапијата.

Користа и ризикот од употребата но хлорокин и хидроксихлорокин во лекувањето на COVID-19 се испитува во големи рандомизирани клинички испитувања. Овие лекови треба да се употребуваат само во клиничките испитувања или на начин одреден со национални водичи односно не смеат да се употребуваат без лекарски рецепт и без надзор од страна на лекар.

Европската Агенција за лекови (ЕМА) и надлежните национални тела будно ја следат ситуацијата, а воспоставен е и напреден состав за следење на достапноста на лекови кои се применуваат кај COVID-19 за да се осигура правовремена реакција во случај на потреба.

Посебната работна група при ЕМА за COVID-19 (EMA pandemic Task Force,  COVID-ETF ) го издаде ова соопштение  во соработка со  Комитетот за процена на ризик во областа на фармаковигиланцата (PRAC), согласно моменталната процена за примена на хлорокин и хидроксихлорокин за лекување на COVID-19.

Новите информации ќе бидат објавени во моментот кога ќе станатт достапни, со цел да им се помогне на здравствените работници и нивните пациенти во носењето на одлуки се додека се чекаат заклучоците од клиничките испитувања за односот корист/ризик од употребата на поедини лекови за лекување на COVID-19.