Директорот на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) М-р фарм. Роберт Бекироски денес оствари средба со претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Р.Македонија Бојан Киров. На средбата Бекироски детално го информираше г-дин Киров за превземените активности во врска со испитувањето и контролата на увезените серии на инсулин во изминатиот период. Притоа на г-дин Киров му беа презентирани сите прибавени информации кои се однесуваат на квалитетот на инсулините како и добиените резултати од спроведените лабораториски испитувања. Директорот Бекироски на крајот од средбата уште еднаш го увери Киров дека пациентите треба да бидат спокојни и сигурни дека и во иднина ќе продолжат темелните и целосни анализи, дека предмет на инспекција ќе биде секое поединечно пакување и нема да се дозволи ниту еден сомнителен или неквалитетен лек да се пушти на пазарот во Р.Македонија.

Исто така Бекироски изрази уверување дека дистрибутерите ќе успеат да го надминат проблемот со обезбедување на помали едномесечни количини на инсулини со поголеми количини кои ќе бидат доволни за период од најмалку три месеци. На тој начин според директорот Бекироски ќе се овозможи МАЛМЕД максимално професионално и непречено да си ја извршува својата функција без притоа да се доведува во корелација со стварање на било каква криза во снабдувањето со лекови.

Од МАЛМЕД и понатаму остануваат на ставот дека се потребни измени во регулативата за паралелен увоз на лекови и дека предложените измени кои се во процедура многу ќе допринесат за подобрување на целокупната ситуација поврзана со паралелниот увоз на лекови.