Пријавување на несакани реакции од лек

Пријавувањето на несакани реакции од лековите е основен метод за постмаркетиншко следење на лекот со кој се добиваат нови сознанија за неговиот безбедносен профил.
Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија (МАЛМЕД) е надлежна за следење на несаканите реакции од лекови во Република Македонија. Овие активности МАЛМЕД ги обезбедува преку Националниот центар за фармаковигиланца кој е негов составен дел.
Несканите реакции од лековите се пријавуваат до МАЛМЕД од страна на здравствените работници и пациентите (спонтано пријавување), носителите на одобренијата за лекови, производителите на лекови, веледрогериите и спонзорите на клиничките истражувања или нивни овластени претставници.

Спонатано пријавување на нескани реакции од лекови

Спонатаното пријавување се однесува на поединечно пријавување на несаканите реакции од лековите од страна на здравствените работници и пациентите. Тоа претставува најважен дел од постмаркетиншкото следење на безбедноста на лековите и основа на националниот систем за фармаковигиланца.
Ефикасноста и успехот на националната програма за следење на безбедноста на лековите директно зависи од активното учество на здравствените работници и пациентите во пријавувањето на суспектните несакани реакции.

Здравствените работници преку нивната секојдневна професионална пракса се наоѓаат во позиција да може да ги иденификуваат и да ги пријават несаканите реакции на лековите кои се наоѓаат во промет. Тие треба да ги пријавуваат несаканите реакции и сомнежот за нивно појавување, дури и кога не постојат сигурни докази дека тие се причинско-последично поврзани со примената на лекот, со цел заштита на здравјето на пациентите.
Спонтаното пријавување треба е да се следи низ призмата на професионална и морална одговорност, а здравствените работници своите активности треба да ги насочат кон интензивирање на пријавувањето на несаканите реакции од лековите и интегрирање на фармаковигиланцата како составен дел од нивната професионална пракса, односно како дел од нивните рутински активности.

Пациентите или корисниците на лекови можат директно да пријават сомнеж за несакана реакција на лек до Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД).
Пријавите од страна на пациентите се особено драгоцен извор на информации бидејќи пациентите понекогаш побрзо ја препознаваат поврзаноста на несакани реакции со примената на лекот, а и нивните пријави вообичаено содржат повеќе информации и детален опис на симптомите.
Со пријавување на несаканите реакции пациентите директно допринесуваат во унапредувањето на сигурната примена на лекот.

ЗА ПАЦИЕНТИ И ЈАВНОСТ

Доколку сте пациент можете да пријавите несакани реакции на лек, на следниов линк.
Поднеси пријава

ЗА ЗДРАВСТВЕНИ РАБОТНИЦИ

Доколку сте здравствен работник можете да пријавите несакани реакции на лек, на следниов линк.
Поднеси пријава