Почитувани,

Добродојдовте на веб локацијата на Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија (МАЛМЕД). Ми претставува особена чест и задоволство во мое име и во име на целиот стручен и професионален тим на МАЛМЕД да Ве поздравам и да Ви посакам добро здравје.

Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија – МАЛМЕД, претставува самостоен орган на државната управа кое е надлежна за вршење на управните и стручни работи во врска со лековите и медицинските средства во Република Македонија. Во изминатиот период од осамостојувањето на МАЛМЕД до денес, стручниот тим на оваа институција, максимално е посветен на реализирањето на обемните задачи и цели кои стојат пред Агенцијата. Обезбедувањето на услови кои овозможуваат достапност на квалитетни лекови и медицински средства за граѓаните на Република Македонија и со тоа подобра здравствена заштита на истите, претставува главниот двигател во секојдневното работење во Агенцијата. Стручниот тим од МАЛМЕД, заедно со стручната и академска фела од државата неуморно работат на подобрување на нашата регулатива и приближување кон високите стандарди и барања на ЕУ. Комплетното усогласување на регулативата и начинот на функционирање и постапување на МАЛМЕД со регулаторните тела од ЕУ претставува главниот императив во нашата работа и целта кон која неуморно се стремиме.

Како директор на Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија, можам да ветам дека во периодот кој следи, негувајќи ги основните вредности на одговорност, чесност, професионалност, флексибилност, припадност и развојност, мошне посветено ќе работиме на реализација на нашата визија, ќе развиваме независна, ефикасна, општествено призната и професионална Агенција која ќе може да се справи со предизвиците на времето. Дејноста и секојдневните задачи пред кои сме исправени се мошне обемни и хетерогени. Ве уверувам дека Агенцијата располага со стручни капацитети за успешно да одговори на сите предизвици кои следат. Ќе треба многу посветено да продолжиме да работиме на обезбедувањето на квалитетни и безбедни лекови и медицински средства, да го спречиме влезот на фалсификувани лекови на нашиот пазар, да обезбедиме поголема достапност на современи иновативни терапии, да го подигнеме фунционирањето на системот на фармако и материовигиланца во нашата држава, да ја унапредиме рационалната употреба на лековите итн.

Предизвиците се наш мотив и ние сме спремни да ги реализираме истите.

 

                                                                                                    Со почит

                                                                                                         М-р фарм. Роберт Бекироски